Синдикални игри
Завршија Работничките синдикални игри што традиционално во пресрет на Денот на рударите ги органзиира Синдикатот на РЕК Битола. Синоќа на Ракометното игралиште се одиграа завршните натпревари во фудбал, со што беше заокружено овогодинешното издание на работничките игри.
Првото место во мал фудбал, во конкуренција на 16 екипи, го освои екипата составена од вработени во РЕК Битола преку Агенција за привремени вработувања. Во финалето тие ги поразија коелгите од Рудникот Брод Гнеотино. На третото место заврши екипата од Сервис гаража. Ревијален натпревар во мал фудбал одиграа две женски екипи составени од вработени во РЕК Битола во различни сектори и служби. Регуларниот заврши нерешено, 1:1, а во изведувањето на пенали победник беше екипата од Термоелектрана.
И покрај ограничувањата наметнати од актуелната ковид криза во земјава и светот, Синдикатот на РЕК Битола уште еднаш докажа дека со добра организација може да се одговори на предизвикот да се одржат Работничките спортски игри кои традиционално ги обединуваат спортските ентузијасти од комбинатот. На Работничките спортски игри на РЕК Битола учествуваа вкупно 37 екипи. Во машка конкуренција застапени беа три дисциплини : фудбал, кошарка и одбојка, а жените се натпреваруваа во кошарка, одбојка и пикадо. Синдикатот на РЕК Битола ќе им додели награди на прво, второ и третопласираните екипи, како и на трите најдобри учеснички во натпреварите во пикадо.






